Литванија изутринава ги повика жителите на централните и северните делови на земјата да бидат подготвени да се засолнат поради неидентификуван летечки објект.
Во сила бил жолт степен на тревога, кој траел околу 40 минути. Литванските власти потенцираат дека ова ниво означува дека постои можност за напад, но дека тој се уште не е во тек. На населението му се препорачува да биде подготвено да се засолни доколку предупредувањето се промени во црвен степен.
Борбени авиони на НАТО биле испратени во областа, поради можна закана од дрон во воздушниот простор. Аеродромот во Каунас бил затворен околу еден час откако било издадено црвено предупредување за воздушниот простор. Засега не се наведени детали за потеклото на објектот, ниту е објавена конечна потврда за неговиот идентитет.
Полската војска исто така ги проверува сомнежите дека неидентификуван објект можеби навлегол во воздушниот простор на земјата. Тим за копнена потрага и спасување од полските сили за одбрана бил испратен во подрачје јужно од Лублин.
Воените власти соопштија дека ја следат ситуацијата и дека дополнителни информации ќе објават по завршувањето на проверките.