Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека, откако три проектили ја нападнале територијата на Полска, биле подигнати борбени авиони на НАТО. Тој ги осуди „сериозните нарушувања на полскиот воздушен простор“, за кои Варшава ја обвини Русија.
„Овој инцидент е очигледно опасен – тој е последица на војната што Русија ја води против Украина“, истакна Руте на својот профил на социјалната мрежа Икс (X).
Руте изјави дека денеска разговарал со полскиот премиер Доналд Туск за сериозните нарушувања на полскиот воздушен простор во текот на ноќта.
„Стоиме зад Полска и ќе продолжиме да ги зајакнуваме нашите капацитети за одвраќање и одбрана“, истакна Руте. Генералниот секретар на НАТО нагласи дека ги осудува руските напади, како и самата војна што Русија продолжува да ја води.
Полска соопшти дека меѓу трите објекти што рано утрово го нарушиле нејзиниот воздушен простор имало и руска крстосувачка ракета, а премиерот Доналд Туск изјави дека тоа веројатно не било случајно, со оглед на тоа што во регионот се одржуваат воени вежби на западните земји.
Никој не е повреден и не е пријавена никаква материјална штета, но Варшава го оцени овој инцидент како „провокација“ од страна на Москва, пренесе Би-Би-Си.
Русија сè уште не се огласила во врска со овие нарушувања на воздушниот простор, кои се случиле за време на еден од нејзините најмасовни воздушни напади врз Украина од почетокот на руската инвазија од големи размери во 2022 година.