Во Кривичниот суд на денешното судење на апелациониот судија Ѓоко Ристов, сведочеше неговата мајка Донка Ристов.
Таа појасни дека во нивната семејна куќа биле извршени претреси во два наврати. Првиот пат не било најдено ништо, но вториот претрес, кој траел два дена, како што рече, ги нашле нејзините пари сокриени во ѕидот во куќата.
,,Зад работната маса, зад фрижидер.
Таму си најдов згодно место, не од сега, не од лани, од 1975 година и што ќе ми останеше некоја паричка, ќе ја отворев една плочка,како прозорче. Во фолија си ги ставав паричињата, колку ќе имав толку. Таму имаше 350.000 евра. Тие ми беа гаранција за стари години, за се, за тешки денови. Парите беа 250.000 по 50 евра, а другите 100.000 беа по 500 и 100 евра. Тие парички цел живот се печалени. Од секаде. Од каде ќе продадам роба, ние сме земјоделска куќа. Бостан, диња, пипер, ореви, кајсии, се имавме”, свдочеше мајката на судијата Ристов.
На прашањето дали некој друг знаел за парите, таа рече дека никој не знаел.
На прашање на обвинителката Искра Хаџи Василева одговори и дека таа ја направила продажбата на фирмата за фотоволтаици, но тие пари не ги ставила во ѕидот.
За фактот дека на фолијата во кои биле завиткани парите била најдена ДНК и од нејзиниот син Ѓоко Ристов, Донка Ристов одговори дека тоа не и се верува, бидејќи парите биле нејзини.
Судењето продолжува.