На Самитот на Берлинскиот процес, што се одржа во црногорското летувалиште Милочер, германскиот сојузен канцелар Фридрих Мерц, австрискиот канцелар Кристијан Штокер и претседателот на Владата на Црна Гора, Милојко Спајиќ, ја истакнаа важноста од продолжување на европската интеграција на Западен Балкан, повикувајќи на зајакнување на регионалната соработка, надминување на историските поделби и отстранување на билатералните блокади.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц истакна дека Берлинскиот процес носи конкретни резултати за граѓаните од регионот, но истовремено отворено предупреди на постојните политички застои.
– Берлинскиот процес носи конкретни резултати, особено во создавањето перспективи за младите генерации, поврзувањето на индустриските зони, интеграцијата на телекомуникацискиот сектор, како и поттикнувањето на инвестициите и стартап-компаниите. Но, дел од искрената анализа е и фактот дека на многу места сè уште постојат блокади. Затоа ни е потребна поголема политичка храброст. Дијалогот за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград мора итно да излезе од ќор-сокакот, а и во Босна и Херцеговина е потребна храброст за надминување на растечката поларизација и градење мостови. Пред земјите од регионот сè уште претстои тежок пат, но тие не го минуваат сами, туку со поддршка од соседите, Германија и другите земји членки на Европската Унија – порача Мерц на заедничката прес-конференција.
Коментирајќи ги хрватско-црногорските односи, германскиот канцелар изрази оптимизам во однос на решавањето на преостанатите отворени прашања.
– Знам дека меѓу Црна Гора и Хрватска се води многу интензивен и конструктивен дијалог. Не сметам дека преостанатите отворени прашања се толку суштински што би можеле да претставуваат пречка за полноправното членство на Црна Гора во Европската Унија – оцени Мерц.
Австрискиот канцелар Кристијан Штокер порача дека билатералните прашања не смеат да го попречуваат проширувањето на Европската Унија и ја истакна поддршката за Подгорица во завршната фаза од преговарачкиот процес.
– Билатералните прашања не смеат да влијаат врз процесот на пристапување, ниту да го забавуваат овој геополитички исклучително важен процес. За првпат од 2013 година, на повидок е нова земја членка на ЕУ, а Австрија целосно ја поддржува Црна Гора на овие последни чекори. Вашето скорешно пристапување во ЕУ би било повеќе од заслужено, но и поттик за целиот регион и доказ за кредибилитетот на Унијата. Ветувањето од Солун, дадено пред 23 години, конечно мора да биде исполнето – нагласи Штокер.
Тој додаде дека до стекнувањето полноправно членство, земјите од Западен Балкан мора постепено да се интегрираат во единствениот европски пазар, преку укинување на роамингот и приклучување кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).
Говорејќи за преземањето на претседавањето со Берлинскиот процес од страна на Австрија во 2027 година, Штокер најави дека фокусот ќе биде ставен на младите, помирувањето и регионалната соработка, но истовремено критички се осврна и на постапките на одредени земји од регионот.
– Одбивањето да му се додели акредитација на австриски набљудувач на изборите во Србија не е добар сигнал кон Европската Унија. Одговорноста за решавање на проблемите, а не за создавање нови, лежи кај земјите од Западен Балкан – предупреди австрискиот канцелар.