Собранието има право да решава на кој начин ќе бидат доделувани пари на политичките партии за изборните кампањи, реши Уставниот суд. Уставните судии со мнозинство гласови ги отфрлија иницијативите на партиите Левица и Достоинство.
Во сила и натаму остануваат одредбите од Изборниот законик кои на изминатите парламентарни избори предизвикале партиите ЗНАМ и Левица да не можат да добијат државни пари за водење на изборни кампањи.
Денеска судиите само гласаа за предметот
бидејќи расправата беше завршена
претходно, а во меѓувреме се избра и осмиот член на Уставниот суд.
Со иницијативата на Левица пред Уставниот суд беа оспорени делови од Изборниот законик со ставот дека постојните правила за распределба на медиумскиот простор и на јавните средства за политичко рекламирање создаваат нееднаквост меѓу политичките субјекти.
Во иницијативата беше наведено дека одредбите од Изборниот законик овозможуваат привилегиран третман на најголемите партии, додека помалите партии и другите учесници во изборниот процес имаат ограничен пристап до медиумите и до ресурсите што се обезбедуваат за изборна кампања.
,,Оваа одлука мора да се чита политички. Уставниот суд денес не поведе постапка за една евидентна политичка дискриминација и цензура. Со тоа уште еднаш покажа дека е целосно неспособен да ја извршува функцијата за која постои. Наместо коректив на власта, Судот се претвора во нејзин продолжен апарат – продолжена рака на ДПМНЕ и чувар на статус -квото во Македонија. Ако за ваков случај, со ваква промена на фактичката состојба и со сите укажувања од релевантните институции, нивниот одговор е дека „нема што да се разгледува”, тогаш навистина треба да се запрашаме што воопшто разгледуваат”, реагираа од партијата Левица.