Ретки колекционерски картички, меѓу кои и вредни Покемон-картички, проценети на вкупно 963.000 долари, биле украдени од камион на компанијата „Федекс“ во Санта Ана, во јужна Калифорнија, соопшти локалната полиција.
Кражбата се случила на 13 октомври пред канцеларијата на компанијата „Professional Sports Authenticator“ (PSA), која се занимава со проверка на автентичноста и оценување на колекционерски картички, соопшти полициската управа во Санта Ана, пренесува „ABC News“.
Според полицијата, крадците одзеле две целосни палети со колекционерски картички, како и дел од содржината на третата палета.
Меѓу украдените предмети имало различни ретки колекционерски примероци, вклучувајќи спортски картички и картички од популарната франшиза „Покемон“.