На форумот „Weekend.19“ во Ровињ беше претставен значаен проект, посветен на животот и кариерата на Тоше Проески, кој опфаќа игран филм, играна серија и документарна серија.
Проектот го претставија продуцентот Пеце Талески, авторот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин. Тие говореа за долгогодишното истражување, разговорите со луѓе кои го познавале Тоше и предизвикот неговиот живот да се преточи во филмска приказна.
Стоименов истакна дека проектот не сака да го прикаже само Тоше како музичка ѕвезда, туку и човекот зад сцената – момчето од Крушево, неговите соништа, љубови, вера и желба за обичен живот.

„Ова не е само приказна за првата постјугословенска ѕвезда, туку приказна за човекот, односно младото момче зад неа“, рече Стоименов.
Сценаристите посочија дека тимот обработил голем број сведоштва, интервјуа, песни и архивски материјали за да ја состави пошироката слика за Тоше и да открие аспекти од неговиот живот кои досега не биле во преден план.
„Приказната сите ја знаат. Филмот сè уште никој не го видел“, порача авторскиот тим.