Роберт Патинсон официјално беше прогласен за наследник на Даниел Крег и ќе стане седмиот актер кој ќе го игра Џејмс Бонд во официјалниот филмски серијал, објави „Гардијан“.
Веста беше соопштена на денеска преку официјалните профили на агентот 007 на социјалните мрежи. Непосредно пред 15 часот по Гринич, целата претходна содржина на платформите Икс и Инстаграм беше избришана и заменета со пораката „Идентитетот е потврден“.
Потоа, филмското студио ја објави првата фотографија од Патинсон во препознатливиот смокинг на Бонд и соопшти дека неговиот избор ќе „го означи почетокот на нова ера за еден од најпознатите ликови во историјата на кинематографијата“.
40-годишниот британски актер беше избран по долготраен кастинг, во кој меѓу главните кандидати беа Џош О’Конор и Калум Тарнер. Неколку дена пред официјалното соопштение се појавија информации дека Патинсон добил поповолни договорни услови од своите конкуренти.
Тој го наследува Даниел Крег, кој го играше агентот 007 во пет филма во периодот од 2006 до 2021 година. Неговото последно појавување беше во филмот „Не е време за умирање“, додека „Скајфол“ од 2012 година оствари приходи од 1,1 милијарда долари на светско ниво.
Новиот, 26-ти филм од официјалниот серијал ќе биде првиот по преземањето на правата врз франшизата од страна на „Амазон МГМ Студиос“ за повеќе од една милијарда долари во 2025 година, од Барбара Броколи и Мајкл Г. Вилсон, долгогодишните продуценти на филмовите за Бонд.
Режисер на филмот ќе биде Дени Вилнев, познат по филмовите „Дина“, додека сценариото му е доверено на Стивен Најт, креаторот на серијата „Пики Блајндерс“. Продуцентите на „Хари Потер“ и „Спајдермен“, Дејвид Хејман и Ејми Паскал, ќе го предводат понатамошниот развој на филмскиот серијал.
Патинсон стекна светска популарност со улогата на вампирот Едвард Кален во „Самрак“, откако претходно ѝ се претстави на пошироката публика како Седрик Дигори во филмот „Хари Потер и Огнениот пехар“ во 2005 година. Меѓу неговите подоцнежни филмски остварувања се „Космополис“, „Светилникот“, „Умри, љубов моја“ и „Бетмен“ од 2022 година.
Првиот актер кој го играше Џејмс Бонд на големото платно беше Шон Конери во филмот „Доктор Но“ од 1962 година. Во следните децении, улогата ја толкуваа Џорџ Лезенби, Роџер Мур, Тимоти Далтон, Пирс Броснан и Даниел Крег.
Официјалните филмови за агентот 007 досега оствариле вкупни приходи од 7,8 милијарди долари, со што серијалот се вбројува меѓу петте филмски франшизи со најголема заработка во историјата. Приходите од поврзаните производи и спонзорските договори се проценуваат на значително повисока сума.