11. издание на Киненова под мотото „На прво светло“

Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА ја започнува новата деценијa, би рекол новата етапа од своето постоење. На ова 11-то издание од фестивалот, кој оваа година е под мотото НА ПРВО СВЕТЛО, ја осветлуваме новата траса од патот кој го гради КИНЕНОВА, рече на денешната прес конференција директорот на МФФ Киненова, Небојша Јовановиќ.

  • 5 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

-Сведочиме и дел сме од свет кој е во кој меѓуетнички или меѓуверски драматични судири разгоруваат на секој агол. Човештвото е на раб на голема глобална војна, и во таков свет постоењето на еден филмски фестивал добива сериозна одговорност и позив, да ја подигне свеста, да поттикне дијалог и преку силни филмски дела, и авторски гласови и пораки да отвори прашања и да придонесе кон будење и посилен разум. Следствено еден сериозен филмски фестивал поддржан со народни пари од сите нас може да е игра, како што е уметноста, но не може да е улична забава за одредена блиска група на луѓе или начин да се добие материјална корист, влијание или себепромоција. КИНЕНОВА го докажа токму тоа. И покрај тоа што ја плаќаме цената на нашата независност, со тоа што ни стагнира поддршката од надлежната институција за фестивалот, сепак, поддршката за оваа наша мисија од филмски создавачи, уметници од целиот свет, секојдневно се зголемува, а очекуваме наскоро таа да се материјализира и преку директна поддршка од странските фондови, подвлече Јовановиќ.

Информираше дека главната фестивалската програма на КИНЕНОВА, оваа година носи 6 исклучителни, врвни по многу нешта, дела на светската кинематографија, кои долго ќе предизвикуваат дискусии и прашања за особено актуелните приказни и теми кои ги обработуваат.
-Селекцијата како и секоја година не е работена тематски, но веројатно потсвесно, интуитивно, како што имплицира нашата визуелна креатива, откако се конципираше целата програма сфатив дека во истата доминира еден суптилен женски, хуманистички поглед на светот, значи женски ракопис и следствено фокус на скоро сите видови на ранливи групи на луѓе. На програмата се: THREE WEEKS LATER на Мирослав Терзиќ, IN THE SHADOW на Салем Салавати, YESTERDAY THE EYE DIDN’T SLEEP на Ракан Мајаси, FANTASY на Кукла Кешеровиќ, KURAK на Ерке Џумакматова и THE SHOES OF MY FATHER на Христо Симеонов, информираше Јовановиќ.
Фестивалот свечено ќе биде отворен на 14-ти октомври, во киното Фросина во МКЦ со најновиот филм на Мирослав Терзиќ, познат на публиката на КИНЕНОВА по претходниот филм ШАВОВИ.

-Овој филм не е одбран ни малку случајно за почетокот на новата фестивалска приказна на МФФ КИНЕНОВА. Како што кажав фестивалот има непрекинат континуитет во ангажиран пристап кон филмската уметност и сметаме дека силно и директно треба да придонесеме во отворање на дијалог и дискусија за најактуелните и најсериозни општествени проблеми кои ја оптеретуваат реалноста во нашата земја. За ова издание тематскиот фокус е насилството помеѓу младите. А филмот на Терзиќ со кој ќе биде отворен КИНЕНОВА, е моќна социјална драма, преку која режисерот прави сериозна и длабока психолошка деконструкција на српското општество кое е потонато во апатија и тешка корупција на свеста, чии последици меѓудругото се и најранливите, оние кои треба да ја носат светлата иднина на едно општество, младите средношколци. И како што вели режисерот Терзиќ, од искуството при создавањето на овој по многу нешта значаен филм, кое било процес на преживување на траумите на младите кои ги играат филмовите: „Филмот не е за булинг, туку за насилството кое постанува секојдневен јазик на изразување младите луѓе“.

Исклучително загрижувачко, заклучи Јовановиќ и ја најави соработката на фестивалот Киненова со Општина Кисела Вода преку работилницата за деца „Снимај паметно, остави трага“ под менторство на Марија Џиџева.

На прес конференцијата се обрати градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска, која изрази задоволство од соработката со фестивалот Киненова и посочи дека слоганот „На прво светло“ испраќа силна порака за нови идеи во културата, концепт што Општина Кисела Вода континуирано го претвора во реалност.

-Преку партнерство што го негуваме со Фестивалот и нашите кино сали ќе бидат местото каде ќе се одржува фестивалската програма, нашата Општина Кисела Вода директно придонесува за создавање услови за промоција на филмската уметност. Даваме конкретна поддршка на младите автори и ги доближуваме современите културни содржини до граѓаните. Тоа не е само фраза туку наша стратегиска цел. Она што особено радува е фактот што по свеченото отворање на фестивалот во кино Фросина, фестивалската филмска програма се сели токму на наша територија, во општина Кисела Вода, рече градоначалничката Стаменкоска Трајкоска и посочи дека денес во општината успешно функционираат две кино сали -во Кисела Вода и во Домот на културата во Драчево, кое е отворено пред неколку месеци.

Работилниците ќе се одржат на 5, 6 и 7 октомври под менторство на режисерката Марија Џиџева. Преку оваа иницијатива младите ќе имаат можноста да ја развиваат својата креатива, да се запознаваат со филмот како медиум за изразување и своите идеи да ги претвораат во кратки филмски приказни.

-Со вложување во културата и во младите создаваме простор за нови идеи, нови автори и нови културни вредности. Културата е инвестиција во иднината и Општина Кисела Вода ќе продолжи да биде нејзин силен поддржувач, рече Стаменкоска Трајкоска.
Менторката Марија Џиџева рече дека секогаш е нов предизвик да се креира и осмисли работилница за многу чувствителни теми, како што е врсничко насилство, булинг, сајбербулинг…

-Децата од основно училиште, популарно се Алфа генерација, кои се родени со мобилните телефони и токму тие придонесуваат за зголемување на насилството меѓу младите. Тие преку кратки филмски лекции за историја на филм, првите филмови, основи на филмскиот јазик, како да раскажеме филмска приказна, сценарио, снимање, монтажа… ќе се работи тимски да се создадат неколку филмови кои потоа ќе бидат прикажани на фестивалот Киненова. Идејата е од нивен аспект да ги видиме проблемите и многу ми е драго што и фестивалот и општината ја препознаа оваа тема како важна и се реагира уште во најрана возраст. Ние како возрасни не знаеме што се случува, а преку нивната точка на гледање ќе ги откриеме нивните светови, рече Џиџева.

На 11. издание на ИФФ Киненова ќе имаме референтни автори и искрени филмски стории, моќни и гласни, рече Гена Теодосиевска, уметнички директор на Фестивалот.

– Секој фестивалски тим и организаторите и селекторите се обидуваат да допрат до нова публика со своите програми. Наградените филмови на големите познати фестивали привлекуваат публика, секаде, но како да се предизвика публиката да го види филмот на младиот, или новиот автор кој штотуку зачекорил во земјата на „чудата“? Ние овде не создадовме доволно критична база за категоризација на фестивалите. Дигиталните платформи ја преземаат улогата на киносалите, само затоа што киномрежата во Македонија и ја нема, стратегија за визуелна филмска, сензација а воедно и едукација не постои. Можеби само на хартија. Но, во реалноста, во кино се оди само ако има добар акциски филм или некој блокбастер, однапред долго и осмислено маркетиншки промовиран, рече Теодосиевска.
Таа посочи дека „Киненова“ излегува од формалната македонска фестивалска шема и макотрпно се избори за своето место на Европската и меѓународната фестивалска мапа на фестивали на новиот авторски филм.

Фестивалот Киненова е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ и од Општината Кисела Вода.

Најнови вести