Првенците на Македонскиот народен театар, Тања Кочовска и Тони Михајловски, се добитници на фестивалски признанија на 22. Меѓународен фестивал на глумецот – Никшиќ 2026. Тања Кочовска ја доби наградата за најдобра женска, а Тони Михајловски за најдобра машка епизодна улога, за своите актерски остварувања во претставата „Страв и надеж“ на МНТ.
Претставата, во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат, беше дел од овогодишната фестивалска програма, а актерските остварувања на двајцата првенци на МНТ беа издвоени како особено впечатливи.
Во образложението на жирито се истакнува:
„Беше вистинско задоволство да се гледаат овие двајца актери, особено во сцената во која настапуваат како партнери. Нивната игра беше трагикомична, исполнета со човечка топлина. Со својата инспиративна актерска игра ја направија нашата одлука лесна.“
Одлуката ја донесе стручното жири во состав: Миодраг Кривокапиќ, истакнат драмски уметник и актер, претседател на жирито, Даница Максимовиќ, истакната актерка, и Стеван Вуковиќ.
Ова двојно признание е уште една потврда за актерскиот квалитет на двајцата првенци на МНТ, како и за вредноста на претставата „Страв и надеж“, која продолжува да го афирмира МНТ.
Особено значаен е и фактот што актерскиот тандем Тања Кочовска и Тони Михајловски заедно добива фестивалски признанија на различни театарски фестивали, за различни претстави, потврдувајќи ја вредноста и препознатливоста на нивните заеднички актерски остварувања.
На свеченото доделување, наградите ги прими директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, во име на наградените актери.
