Денес, се одбележуваат 85 години од Денот на народното востание на македонскиот народ, познат и како 11 Октомври, државен празник во Република Македонија. 85 години по настаните од 1941 година, 11 Октомври останува датум со посебно место во колективната меморија.
11 октомври претставува еден од најзначајните датуми во македонската
историја. Тоа е денот кога симболично
почна народното востание, денот кога македонскиот народ јасно го избра патот на отпорот против окупацијата и сите облици на национално поробување.
На денешен ден во 1941 година почнува организираната вооружена борба против фашизмот на македонска територија.
За почеток на востанието во земјава традиционално се смета нападот што го извршил Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ на 11 октомври 1941 година во Прилеп. Во акцијата учествувале 16 партизани, организирани во три групи.
Во октомври 1941 година активности имало и во Кумановскиот крај. На 12 октомври, во областа Студена Вода бил формиран Кумановскиот, Козјачкиот партизански одред, а во областа Менкова Колиба бил формиран Карадачкиот партизански одред.
Архивите сведочат дека македонската борба не била водена само против окупацијата туку и за една позитивна цел, создавање сопствена држава. 11 Октомври не може да се сведе само на едно оружено дејство во Прилеп и Куманово. Неговата вистинска историска вредност лежи во фактот што тој го означува почетокот на процесот што заврши со АСНОМ и создавањето на современата македонска држава.