РЕПЕР ИНТЕРВЈУ ЗА 11 Октомври

ПРИЛЕП ЈА ЗАПАЛИ ИСКРАТА НА СЛОБОДАТА: Проданоски за РЕПЕР- Нашата борба денес не се води со оружје, туку со одговорност, чесност и визија

Секој 11 Октомври треба да биде ден на размислување, ден на благодарност за жртвите за слобода и ден на нова обврска кон државата, во насока на градење општество засновано на чесност, единство и напредок. Само така празникот ќе остане жив и ќе ја има својата вистинска тежина, вели Проданоски за РЕПЕР.

  • 6 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Како градоначалник на град кој ја запали искрата на слободата, чувствува дека негова должност е да придонесе кон чувањето на споменот на паднатите борци за слобода, но и тој спомен да се претвори во живо наследство. Дејан Проданоски, градоначалникот на општина Прилеп, во интервју за РЕПЕР, вели дека неговата цел како градоначалник е јасна- да изгради град што ќе биде гордост за своите жители и пример за останатите.

Што значи 11 Октомври за Македонија денес – 85 години подоцна? Дали навистина знаеме да го цениме денот или празникот сè повеќе се сведува на протокол?

-11 Октомври е еден од најсилните симболи на нашата државност и идентитет. 11 Октомври е датум што ја дефинира нашата историја и нашата иднина. Тоа е денот кога македонскиот народ ја покажа својата решителност да му се спротивстави на фашистичкиот окупатор и да ја започне антифашистичката борба, борбата за слобода. А прашањето дали навистина знаеме да го цениме тоа е многу важно, затоа што ако празникот го сведеме само на протоколарни свечености, тогаш ја губиме неговата суштина. Прилеп дал 650 жртви во НОБ, чии имиња денес се врежани во меморијалниот комплекс Могилата, и 15 народни херои, чии бисти се наоѓаат во Алејата на непобедените. Цената на слободата е висока, а споменот на борците е обврска што мора да ја носиме, чуваме и почитуваме со гордост.

И 85 години подоцна, овој ден е повеќе од протокол. Тој е потсетник дека слободата не е дадена еднаш засекогаш, туку постојано се гради и се брани. Нашата задача е да го чуваме споменот на минатото, да го пренесуваме на младите генерации, да го претвораме во инспирација за иднината и да го живееме секојдневно преку нашите постапки. Ако го сведеме празникот само на свечености и формалности, тогаш ја губиме суштината. Затоа, секој 11 Октомври треба да биде ден на размислување, ден на благодарност за жртвите за слобода и ден на нова обврска кон државата, во насока на градење општество засновано на чесност, единство и напредок. Само така празникот ќе остане жив и ќе ја има својата вистинска тежина.

Прилеп е еден од градовите од кои започнува востанието. Како градоначалник, чувствувате ли поради тоа посебна одговорност токму на 11 Октомври?

Прилеп е градот што ја запали искрата на слободата и тоа е наследство што нè прави посебни, но и нè обврзува. Таа обврска не е само формална, туку и суштинска. Како градоначалник, чувствувам дека мојата должност е да придонесам кон чувањето на споменот на паднатите борци за слобода, но и сите заедно да го претвораме тој спомен во живо наследство. Тоа значи дека мораме да бидеме пример за почит кон историјата, одговорност кон сегашноста и визија за иднината. Оваа одговорност значи дека не смееме да дозволиме историското наследство да остане само во архивите и спомениците. Треба да го оживуваме преку културни настани, преку образовни програми за младите, преку јавни политики што ја нагласуваат важноста на слободата и единството. Само така ќе ја задржиме живата врска меѓу минатото и сегашноста.

Токму тоа го направивме оваа година. За одбележувањето на 85-годишнината од 11 Октомври, Денот на почетокот на народното востание, креиравме богата едномесечна програма, која започна на 1 октомври и ќе трае до одбележувањето на Денот на ослободувањето на Прилеп, на 3 ноември. Имаме над 60 културно-забавни, образовни и едукативни содржини: промоции на книги, интерактивни работилници за млади во Меморијалниот музеј „11 Октомври“ – Участакот, „Бегство од музеј“ и „Детективи на минатото“, театарски претстави, драмската претстава за Душко Наумоски – „Херојот е мојот дедо“, крводарителска акција, џез-фестивал, меморијален турнир во шах, автомобилско шоу, меѓународниот традиционален турнир во џудо, фестивал на медот, изложба на дела на прилепските уметници во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“, промоција на филм за нападот на 11 октомври 1941 година, како потсетување на историскиот настан, со оживување на фотографиите на вистинските личности што учествувале во тој историски настан, промоција на каталогот на Заводот и музејот, посветен на Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ – Участакот, промоции на книги, слем-фестивал, изложба на воена опрема и оружје и показни боречки вештини на специјалните единици на АРМ, како и многу други настани во кои се вклучени уметници, музичари, поети, историчари, научни работници, наставници, ученици, млади итн. Тоа е богата програма со која ја потврдуваме нашата посебност како град во одбележувањето на овој историски и значаен празник за македонскиот народ.

Борците во 1941 година се бореле за слобода. Од што треба Македонија да се „ослободи“ денес? Дали е тоа корупцијата, партизацијата или поделбите?

Денес, нашата борба е поинаква. Таа не се води со оружје, туку со одговорност, чесност и визија. Македонија денес се бори за економска стабилност, за европска интеграција, за модернизација на инфраструктурата и за подобар животен стандард. Тоа е нашата современа „ослободителна борба“: да изградиме држава што ќе биде праведна, функционална и обединета. Се стремиме кон општество во кое правдата е достапна за секого, каде што младите гледаат перспектива дома, а граѓаните имаат доверба дека нивниот труд и нивните даноци се вложуваат во вистински проекти. Ако сакаме да ја продолжиме мисијата на борците, мора сите заедно да изградиме општество во кое институциите работат за граѓаните, политиката му служи на јавниот интерес, а заедницата се обединува околу заеднички цели. Слобода денес значи да имаме праведно судство, транспарентна власт, еднакви можности за сите и општество што се движи напред без да биде кочено од лични или партиски интереси. Само така покажуваме дека жртвата на борците од 1941 година не била залудна, туку е темел врз кој денес создаваме современа и силна Македонија.

Колку политиката и партиските надмудрувања во изминатите години влијаеја врз развојот на Прилеп и дали, конечно, по Вашето влегување во Општината, приоритетите на граѓаните беа ставени на прво место?

Не е тајна дека политиката често знаела да биде пречка за развојот на Прилеп. Партиските надмудрувања и поделби го оддалечуваа фокусот од вистинските потреби на граѓаните. Тоа создаваше застој, недоверба и чувство дека Општината не работи за луѓето. Со моето влегување во Општината, се обидуваме да го смениме тој пристап и да ги ставиме приоритетите на граѓаните на прво место. Се водиме од принципот „Прилеп пред сè!“ Тоа значи дека секој проект, секоја одлука и секоја иницијатива мора да имаат цел да го подобрат животот на граѓаните. Само така може да се надминат поделбите и да се обезбеди стабилен развој.

По скоро година, кој е најголемиот придонес во изградбата на подобар Прилеп за граѓаните? Кој проект посебно би го издвоиле?

Најголем придонес е тоа што успеавме да ја вратиме довербата на граѓаните дека Општината работи за нив. Тоа е најважниот капитал – довербата, за што им благодарам на моите сограѓани!  Мојот мандат трае само една година, од 29 октомври 2025 година, и за тој период, само за една година, Прилеп стана едно големо градилиште. Денес градот се уредува за да биде пофункционален, посовремен и поуреден за граѓаните. Од конкретните проекти, би го издвоил кружниот тек кај мостот „Табана“. Тоа е еден од најголемите капитални зафати што го менуваат сообраќајниот лик на градот и носат поголема функционалност и безбедност во сообраќајот. Но, не е само тој проект. Реконструираниот булевар, секое ново игралиште и секоја инвестиција во инфраструктурата се дел од мозаикот за подобар Прилеп. Нашата цел е јасна: да изградиме град што ќе биде гордост за своите жители и пример за останатите.

Најнови вести