ФБИ ја обвини Северна Кореја за хакерски напад врз Binance во кој биле украдени 6,3 милијарди долари

  • 1 минута читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) ја обвини Северна Кореја дека стои зад големиот хакерски напад врз криптоберзата Binance, во кој на 29 октомври биле украдени дигитални средства во вредност од 6,3 милијарди долари.

Од ФБИ соопштија дека нападот го поврзуваат со севернокорејската хакерска група „TraderTraitor“, која е позната по кражби на криптовалути и сајбер напади.

Според американската Агенција за сајбер-безбедност (CISA), станува збор за група спонзорирана од севернокорејската држава, која е активна најмалку од 2020 година. Се верува дека е поврзана со групата „Lazarus“, одговорна за повеќе напади врз компании од блокчејн и криптовалутната индустрија.

ФБИ наведува дека хакерите започнале да ги претвораат украдените средства во криптовалутата Ethereum, а се очекува понатаму да ги префрлаат преку децентрализирани финансиски платформи и услуги за моментална размена на криптовалути, со цел да го отежнат нивното следење.

По нападот, Binance привремено ги суспендираше депозитите и повлекувањата додека спроведуваше безбедносни проверки, замрзнуваше средства и соработуваше со истражните органи.

Од компанијата соопштија дека досега покриле околу 90 проценти од украдената сума, додека преостанатите 10 проценти се однесуваат на токени со помала ликвидност, за чие обезбедување е потребно повеќе време.

Коизвршниот директор на Binance, Ричард Тенг, изјави дека компанијата е посветена на надоместување на целокупната штета од сопствени средства, уверувајќи ги корисниците дека нивните средства се безбедни. Повлекувањата постепено се обновуваат.

Најнови вести