Социјалдемократскиот сојуз на Македонија регира за најновите случувања со Алта Банка Србија. На прес конференција, Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, рече дека 11 месеци наназад го најавувале токму ова што денес се случува со Алта банка.
,,Реагиравме, предупредувавме, баравме реакции. Алта банка а.д Белград беше систем за перење пари, украдени од граѓани, пари од криминал и корупција. Финансискиот систем во Македонија сега загрозен затоа што Мицкоски ги постави своите лични интереси и интересите на бандата пред интересите на граѓаните на Македонија. За ова мора да се одговара.
Не смее Народна банка и Обвинителство да молчат и да се прават како ништо да не се случува”, истакна Фрчкоски.
Според партијата, Народна банка кај нас не презема ништо, а наместо да молчат, институциите мора да реагираат веднаш.
,,Трајко Славески вчера изјави дека е нормално банката да префрла енормни количини пари. Денес се поставува прашањето: што ќе биде со Алта банка во Македонија кога е во речиси целосно сопственост на српската банка? Во Битола има редици од луѓе пред банката. Граѓаните се вознемирени, фирмите, компаниите. Мицкоски и Славески ја донесоа банката на Вучиќ во Македонија. Депозитите на јавните претпријатија, на министерствата и на фирмите поврзани со криминални тендери сега се под ризик”, изјави Јон Фрчкоски.
СДСМ бара од обвинителството уште денес да поведе кривична постапка против Мицкоски, против гувернерот Славески и против сите што учествуваа во процесите околу Алта банка.