Полска

Почина извршителот на терористичкиот напад во Краков

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Осомничениот за терористичкиот напад во Краков, Михал Окшињски, им подлегна на повредите, пренесуваат полските медиуми.

Во Полска е втор ден на жалост поради убиството на шест лица на главниот плоштад во Краков.

Михал Окшињски, кој беше осомничен за терористичкиот напад во Краков, во кој беа убиени шест лица, како и за убиството на тројца членови на своето семејство, им подлегнал на повредите здобиени во престрелката, пренесува полскиот јавен сервис ТВП.

Како што претходно соопштија локалните власти, Окшињски по приемот во болница бил опериран неколкупати и се наоѓал во критична состојба.

Во нападот во Краков беа убиени шест лица, меѓу кои и еден британски државјанин, соопштија полските официјални претставници.

Меѓу 16-те повредени има пет странски државјани, и тоа од Австрија, Германија, Португалија, Русија и Велика Британија.

Повредени се и двајца полицајци, од кои едниот бил во кома и се наоѓа во критична состојба, но се разбудил од комата.

Се претпоставува дека осомничениот пред нападот ги убил своите родители и помладата сестра, чии тела биле пронајдени во куќата во која живееле.

Обвинителството започна истрага. Министерот за правда и главен обвинител нагласи дека истрагата, во рамките на првичните истражни дејствија, има цел да ги расветли сите околности на саботната трагедија, како и точно да утврди како постапувал напаѓачот.

Во Полска е втор ден на жалост. Во црква во Краков беше одржана миса за жртвите од нападот, а граѓаните палат свеќи во близина на местото каде што се случила трагедијата.

Најнови вести