Трошоците за живот во Македонија продолжуваат да растат. Инфлацијата во октомври бележи месечен раст од 0,4 проценти, додека на годишно ниво трошоците за живот се зголемени за 3,3 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Најголемо месечно поскапување е забележано кај алкохолните пијалаци и тутунот, чии цени пораснале за 2,5 проценти. Облеката и обувките поскапеле за 1,2 проценти, додека храната и безалкохолните пијалаци бележат раст од 0,7 проценти.
Зголемување на цените има и кај домувањето и режиските трошоци, за 0,3 проценти, како и кај здравствената заштита, каде што е регистриран раст од 0,1 процент.
Сепак, не поскапело сè. Според статистичките податоци, намалување на цените е забележано кај покуќнината и опремата за домаќинствата за 1,3 проценти, рестораните и услугите за сместување за 0,7 проценти, како и транспортот за 0,3 проценти.
Индексот на цените на мало во октомври, во споредба со истиот месец минатата година, бележи раст од 3,2 проценти.
Иако кај одредени производи и услуги има поевтинување, годишниот раст на трошоците за живот покажува дека ценовните притисоци врз потрошувачите продолжуваат.