Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, побара од Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на општината поради проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток.
Според Митовски, повеќе од 1.000 грла добиток слободно се движат низ општината, при што уништуваат земјоделски насади, приватни имоти и јавни површини, а истовремено ја загрозуваат и безбедноста во сообраќајот.
Тој побара Владата да ги обезбеди потребните стручни, логистички, оперативни и финансиски ресурси за трајно решавање на проблемот, вклучително и специјализирани возила и соодветен простор за сместување на животните.
Митовски посочи дека од јануари 2022 година до надлежните институции се доставени стотици пријави, меѓу кои и до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство. Поднесена е и кривична пријава за мачење животни, а документирани се материјални штети, повреди на граѓани и уништување на јавни површини.
Според градоначалникот, и покрај тоа што уште во 2024 година биле донесени правосилни и извршни решенија за одземање животни од регистрирани одгледувалишта, тие сè уште не се спроведени во целост. Досегашните интервенции, како што истакна, не донеле трајно решение.
„Доволно е. Крива Паланка предолго ја плаќа цената на немоќта на институциите, неодговорноста и постојаното одлагање“, порача Митовски.
Тој побара координирана интервенција на надлежните институции, со јасен оперативен план, утврдени рокови, конкретни задолженија и одговорност за спроведувањето на активностите.
На прес-конференцијата присуствуваа и граѓани кои претрпеле штети од неконтролираното движење на добитокот. Проблемот повторно привлече внимание во јавноста откако пред неколку дена беше објавена снимка на која се гледаат крави како се движат низ центарот на Крива Паланка.