Сериозен инцидент се случил на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, каде што двa дена старо новороденче останало без дел од палецот.
Повредата настанала во моментот кога медицинска сестра со ножици го отстранувала завојот и лепливата лента со кои била фиксирана инфузијата. При постапката бил зафатен и дел од палецот на бебето.
По инцидентот, новороденчето било пренесено на Клиниката за детска хирургија, каде што лекарите извршиле оперативен зафат за санирање на повредата. Бебето потоа било пуштено на домашно лекување.
Директорот на Детска хирургија, д-р Лазо Јовчевски, изјави дека лекарскиот тим успеал да ја зачува функционалноста на прстот. За реконструкција на оштетениот дел било искористено околно ткиво, со примена на локална пластична хируршка техника. Сепак, според неговите објаснувања, ќе остане одреден дефект, чиј конечен изглед ќе може да се процени по извесен период.
Случајот веќе бил предмет на разгледување од страна на Комисијата за квалитет, а дополнително е формирана и дисциплинска комисија која треба да ги испита околностите и евентуалните пропусти во постапувањето.
Во меѓувреме, медицинската сестра која учествувала во интервенцијата е прераспределена на друга работна задача.
Од Клиниката за гинекологија и акушерство нагласуваат дека безбедноста на пациентите, особено на најмалите, е нивен врвен приоритет. Оттаму најавуваат дека, доколку истрагата покаже професионална одговорност, ќе следуваат соодветни санкции согласно законските прописи.
Информацијата за немилиот настан првично ја споделил таткото на новороденчето, наведувајќи дека повредата се случила во понеделникот, непосредно пред бебето да биде отпуштено од болницата.