Заштита и безбедност на медиумските работници

Седмата сила ќе биде под поголема заштита: Формиран национален комитет за заштита и безбедност на новинарите

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Официјално почнува со работа новиот меѓуинституционален механизам за унапредување на безбедноста на новинарите и медиумските работници во Македонија.

Во Скопје се одржа конститутивниот состанок на Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите формиран по иницијатива на Владата, во согласност со европските стандарди и препораките на Советот на Европа.

Целта на новото тело е зајакнување на превенцијата, заштитата и институционалниот одговор на заканите, притисоците и нападите врз новинарите. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека слободното и безбедно новинарство е еден од основните предуслови за функционирање на демократското општество, во кое институциите мора да бидат отворени за прашања, критики и контрола од јавноста.

„Слободното и безбедно новинарство не е привилегија на новинарите, туку право и потреба на секое демократско општество. Новинарите се тие што поставуваат прашања во име на јавноста, откриваат неправилности, бараат одговорност и им овозможуваат на граѓаните да носат одлуки врз основа на точни и проверени информации, рече министерот Тошковски.

За претседател на Националниот комитет е назначен помошник министерот за односи со јавност и стратешки прашања при МВР, Мухамед Исмаиљи. Во составот на Комитетот се вклучени претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Јавното обвинителство, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио – телевизија, Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Меѓу приоритетните активности се унапредувањето на процедурите за пријавување закани и проценка на ризикот, подобрувањето на координацијата меѓу полицијата и обвинителството, обуки за институциите, зајакнувањето на капацитетите за справување со онлајн закани и дигитални докази, како и подобрувањето на евиденциите и следењето на институционалното постапување.

Посебно внимание ќе се посвети на заштитата на новинарките од родово базирано вознемирување, локалните и независните новинари, истражувачите, како и на спречувањето на злоупотребата на судските постапки насочени кон заплашување и замолчување на новинарите.

Најнови вести