Старата чаршија која од 2004 е регистрирана како споменик на културата повторно оживеа. Реконструкцијата чини 41 милион денари, реставрирани се фасадите на дуќаните, изведено е ново гранитно поплочување, просторот е опремен со урбана опрема и осветлување, а целосно е реконструирана и подземната инфраструктура. Со тоа, Чаршијата добива нов лик, притоа задржувајќи ги автентичноста и препознатливиот дух.
„Денеска, овде во Старата чаршија во Гевгелија, зборовите ги заменуваме со резултати. Наша обврска е да го зачуваме културното наследство, но и да му дадеме нов живот и нова вредност“, истакна министерот за култура и туризам Сулејмани.
Тој нагласи дека целта е ваквите места да не останат само споменици на минатото, туку да прераснат во живи културни простори, отворени за граѓаните, културните настани и посетителите.
„Старата чаршија во Гевгелија сега станува современо културно-туристичко јадро. Ова е потврда дека со вложувањето во културното наследство вложуваме и во развојот на локалната заедница и туризмот. Старата чаршија денеска е обновена, но уште поважно е што таа повторно живее“, порача Сулејмани.

