Против 21-годишникот од Богданци на 16 октомври била поднесена пријава за загрозување на сигурноста, по што надлежните институции веднаш започнале со постапување. Дополнително, во граѓанска постапка му биле изречени и мерки за заштита од семејно насилство, информираат од Јавното обвинителство.
Во врска со трагичниот настан во Богданци, увид на местото извршил јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, кој издал повеќе наредби за прибирање и обезбедување докази.
Од Обвинителството соопштуваат дека е наредена обдукција на телата на починатите, а обезбедени се и снимки од видеонадзор, кои ќе бидат дополнително анализирани.
Според првичните сознанија на истражните органи, постојат индиции дека станува збор за убиство и самоубиство. Сепак, од Обвинителството посочуваат дека случајот ќе биде целосно истражен и дека допрва треба да се утврдат сите околности.
Истрагата треба да даде одговори за текот на настаните, како и за причините и околностите под кои настапила смртта на лицата.