Говорниците на протестот порачаа дека системот мора да се промени од корен и повикаа на политичка одговорност за сите „црни точки“ во Хрватска.
„Само неа ја имаме, да покажеме колку ја сакаме“, им порача на илјадниците присутни Владимир Шулентиќ од граѓанската иницијатива „Госпиќ е нашиот дом“.
Итната медицинска помош за време на големиот протест, на преполниот плоштад „Бан Јелачиќ“, имала шест интервенции, додека загрепската полиција немала ниту една, со оценка дека сè поминало во најдобар ред.
Директорката на Наставниот завод за итна медицина на Загреб, Татјана Пандак, изјавила дека екипите на загрепската итна помош за време на протестот имале шест интервенции, при што две лица завршиле во болница, едното поради колапс, а другото поради полесна повреда.
Од загрепската полициска управа потврдиле дека за време на протестот немале ниту една интервенција.
Претставникот на граѓанската иницијатива „Госпиќ е нашиот дом“ и организатор на протест Вјеко Бушиќ изнесе конкретни барања до владата, меѓу кои и веднаш да се забрани привремениот увоз на каков било отпад во Хрватска.
„Итно, веднаш, не од утре, туку од денес да се забрани привремениот увоз на каков било отпад во Хрватска“, порача Вјеко Бушиќ на крајот од протестот пред преполниот плоштад „Бан Јосип Јелачиќ“, со одобрување од присутните од сите делови на Хрватска.
Тој порача и дека во рок од 20 дена пред јавноста мора да биде претставен конкретен план за санација на состојбата во Госпиќ, особено за 33 илјади тони закопан опасен отпад.
Извор: ХРТ