Објавен конкурс за финансирање преводи и објавување на дела од македонски автори на странски јазици

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Конкурсот кој го објави министерството за култура содржи јасно дефиниран буџет, јасно утврдени услови, мерила и критериуми кои ќе обезбедат потранспарентен модел на поддршка, рамноправност и одговорно управување со буџетските средства.

Целта е да се поттикне меѓународната афирмација на македонската книжевност, да се зголеми достапноста на домашните автори за странската читателска публика и да се унапреди културната соработка со меѓународни издавачи.

Право на учество имаат исклучиво странски издавачи чија дејност опфаќа издавање книги. Со Конкурсот ќе се поддржуваат преводи и објавување на уметничка проза, поезија, драма, есеи, литература за деца, како и антологии и други книжевни избори наменети за поширок круг читатели.
Министерството ќе учествува во финансирањето на трошоците за превод на избраните дела, со највисок износ на поддршка до 300 000 денари по проект, додека трошоците за печатење, промоција и дистрибуција не се предмет на финансирање.
Конкурсот е отворен во текот на целата година, а стручната комисија ќе ги разгледува пристигнатите пријави во два рока: во октомври 2026 година и во март 2027 година.

Пријавите и придружната документација се поднесуваат во ПДФ-формат на електронската адреса: translation@kultura.gov.mk.
Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици, воспоставен во 2013 година, претставува значаен инструмент за меѓународна промоција на македонската литература и афирмација на домашните автори во странство.
Со оваа мерка, Министерството за култура и туризам останува посветено на поддршката на македонската книжевност и на нејзината меѓународна афирмација, на начин што ќе обезбеди законитост, отчетност и вистинска поддршка за дела и проекти што имаат реална културна вредност и значење за промоција на македонската литература во странство.

Најнови вести