Министерството за здравство објави дека Комисијата за надзор над стручната работа, составена од пет експерти – гинеколог, анестезиолог, невролог, неврохирург и радиолог, од кои двајца од Србија и Словенија – го заврши надзорот над лекувањето на родилката од Струмица.
Заклучокот е едногласен: невролошката состојба на пациентката не е последица на спиналната анестезија, ниту на лекарска грешка во ОБ Струмица, КБ Штип или Клиниката за неврологија во Скопје.
Анестезијата е дадена во долниот дел на ’рбетот, а промената во ’рбетниот мозок е значително повисоко. По породувањето пациентката е отпуштена без невролошки симптоми, кои се појавиле неколку дена подоцна. Најверојатна причина, според експертите, е спонтано крварење од ретка малформација на крвните садови.
Комисијата препорачува дополнителна дијагностика за конечно утврдување на причината и продолжување на рехабилитацијата.
Министерството за здравство останува во контакт со пациентката и семејството и ќе продолжи да ја поддржува во лекувањето и рехабилитацијата.