Двојно винилно издание со 16 песни на Тоше Проески

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Во чест на Тоше Проески, „Хит Рекордс“ од Загреб го претстави ексклузивното двојно винилно издание „The Very Best of Toše Proeski“ кое носи 16 внимателно одбрани песни од неговата исклучителна кариера.

На двојниот албум се наоѓаат дел од неговите најпознати песни, меѓу кои „Игра без граници“, „Једина“, „Чија си“, „Боже, брани ја од зла“, „Пратам те“, „Срце није камен“ и „Несаница“.

Во изданието се застапени и автори кои оставија значаен печат во музичкиот опус на Тоше, меѓу кои Миро Буљан, Антонија Шола, Леонтина Вукомановиќ, Ѓорѓе Новковиќ и Марина Туцаковиќ.

Главниот уредник на „Хит Рекордс“, Мирослав Рус, кој со Тоше бил близок пријател и соработник, вели дека објавувањето на ова издание за него е особена чест.

„Да се работи на издание на голем уметник пред сè е чест, а со оглед на нашето пријателство дури и обврска. Не можам да замислам делото на Тоше Проески да остане без албум кој е вистинска и сериозна трага на еден уметник без граници каков што беше Тоше“, истакна Рус.

Визуелниот идентитет на двојното LP издание го потпишува дизајнерот Игор Келчец. Предната и задната страна ги красат портрети на Тоше, додека внатрешноста содржи колаж од негови приватни и професионални фотографии – од големите сценски настапи до моментите далеку од рефлекторите.
Покрај богатото визуелно издание, песните се приспособени за винилниот формат, со што обожавателите ќе можат повторно да ги слушнат познатите хитови на Тоше во специфичниот звук на грамофонската плоча.

„The Very Best of Toše Proeski“ е уште едно издание што ги обединува неговите песни, фотографии и спомени, потсетувајќи на уметник чиј глас и музика оставија трага низ целиот регион.

Најнови вести