Министерот за здравство Сашо Клековски следната недела ќе има средба со повредените во Кочани.
Тој за ова веќе се сретнал со лекарите во Белград, а во Софија ќе патува в понеделник за да се прецизираат деталите за понатамошното лекување и сложените операции за повредените млади луѓе во кочанската дискотека „Пулс“.
„Во понеделникот бев во Белград и имав средба со министерот Лончар за да ги прецизираме деталите. Следната недела, в понеделник, ќе бидам во Бугарија на средба во Софија со нивната министерка. Очекувам со тоа да ги финализираме ставовите за следната фаза на лекување на повредените од Кочани. Следната недела планирам да одам во Кочани, да имам средба со повредените и да им соопштам каков е планот“, изјави Клековски кој денеска беше во работна посета на штипската болница.