По повод Европскиот ден против трговијата со луѓе, се потсетуваме на потребата од континуирано унапредување на свеста, информираноста и превентивното делување во насока на заштита на човековото достоинство, права и слободи. Трговијата со луѓе претставува сериозно кршење на човековите права и форма на експлоатација која може да го загрози животот и безбедноста на секој човек, велат од Црвениот крст на Македонија.
Трговијата со луѓе може да започне преку навидум легитимни понуди за работа, образование, патување или подобри животни услови. Особено е важно граѓаните да бидат информирани за можните ризици, да препознаваат предупредувачки знаци и внимателно да ги проценуваат ситуациите во кои може да постои ризик од измама, принуда или експлоатација.
Превенцијата започнува со информираност и одговорно постапување. Со подигање на свеста, едукација и навремено препознавање на ризиците, заеднички придонесуваме кон создавање побезбедна средина и поголема заштита на сите, особено на децата, младите и лицата во ранливи категории.