Вечерва во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“: Историјата зборува низ книгите, сведоштва за македонското име, јазик и идентитет

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, вечерва ќе има книжевен настан „Историјата зборува низ книгите” промоцијата на книгата „Македонци – сведоштва за идентитетското име и јазикот“ од Бранислав Светозаревиќ Покорни во чест на 23 октомври, Ден на македонската револуционерна борба.

Ова дело претставува значаен истражувачки труд посветен на документите и сведоштвата што зборуваат за клучните обележја на нашето историско постоење – името, јазикот и идентитетот. Токму преку ваквите записи се отвораат можности за подлабоко разбирање на минатото, за проучување на историските околности и за согледување на значењето на пишаните извори во градењето на колективната меморија.

Библиотеката има особено важна улога во овој процес. Таа не е само место каде што се чуваат книгите, туку и простор во кој се зачувува духовното наследство на еден народ, се пренесува знаењето и се создаваат услови за критичко промислување на минатото и сегашноста.

Секоја книга, секој документ и секое автентично сведоштво се дел од пошироката слика за нашето културно и историско наследство.

Библиотеката како градска културна институција што секојдневно работи со пишаниот збор, грижата за македонскиот јазик, книжевноста и историската меморија е и професионална одговорност и трајна посветеност.

Македонскиот идентитет се препознава и се пренесува преку јазикот на кој создаваме, книгите што ги читаме, документите што ги зачувуваме и сведоштвата што им ги оставаме на идните генерации. Затоа е важно тие сведоштва да бидат достапни за истражувачите, за младите и за сите што сакаат да го запознаат и разберат сопственото културно наследство.

Градската библиотека „Браќа Миладиновци”-Скопје отсекогаш била и ќе остане место на знаењето, дијалогот и културната размена, простор во кој книгата ги поврзува генерациите, а историските извори поттикнуваат на размислување и истражување.

Веруваме дека почитта кон сопственото наследство оди заедно со одговорниот однос кон фактите, аргументите и научното истражување.

Најнови вести