Управниот одбор на АД Државна лотарија не донел посебна одлука за набавка на ВЛТ терминалите, а потребата од нивна набавка не била посебна точка на дневниот ред, вака во судот сведочеше Христо Најданов, поранешен член на Управниот одбор на Лотарија. На прашање на Обвинителството појасни дека бил именуван од Владата во 2017 година, два мандати кои му траеле до 2024 година. Посочи дека бил предложен од партијата ДОМ, како коалициски партнер во власта, претпоставувајќи дека и другите членови биле предложени од своите политички партии.
За раководните структури, Најданов наведе дека во неговиот прв мандат директорка на Државна лотарија била Катица Николовска Парнакова, додека подоцна функцијата ја извршувал обвинетиот Перпарим Бајрами.
Говорејќи за начинот на работа на Управниот одбор, сведокот нагласи дека во првиот период седниците се одржувале со физичко присуство, додека од 2021 година практиката се променила.
– Подоцна, приближно од 2021 година, дневниот ред и дел од материјалите почнаа да ни се доставуваат електронски. Во некои случаи имавме доволно време да ги разгледаме, а во други не. Се случуваше материјалите да бидат испратени наутро, а од нас да се очекува да се произнесеме до попладне. Можам да зборувам за себе: понекогаш немав доволно време студиозно да ги разгледам материјалите. Колку што се сеќавам, одговорите на членовите најчесто беа позитивни. Немавме секогаш можност да се обратиме до надлежните служби за дополнителни објаснувања, особено кога стануваше збор за прашања за кои не сите членови имаа доволно познавања – изјави сведокот Најданов, додавајќи дека таквата практика продолжила сè до неговото заминување.
За постапката за набавка на ВЛТ-терминалите во текот на 2023 година, Најданов истакна дека првично имало потреба од формирање ново друштво за организирање електронски игри на среќа. На прашањето дали Управниот одбор расправал за потребата од набавка на терминалите, сведокот одговори „колку што се сеќавам, тоа не беше посебна точка на дневен ред”.
Во врска со ставот на поранешната директорка Катица Николовска – Парнакова за проектот, Најданов рече дека не знае од кои причини таа била резервирана.
– Не можам точно да кажам од кои причини директорката Катица не сакала да го започне овој проект и зошто била резервирана во однос на него. Тоа не ми е лично познато – рече Најданов.
Судењето продолжува на 30 октомври. Во случајот е обвинет Артан Груби кој месецов излезе од куќен притвор.