Иднината на регионот од економски аспект, можностите за инвестирање во Македонија во областа на новите технологии и вештачката интелигенција, во фокусот на разговорите на економскиот форум Белталкс 2026.
Министерот за дигитална трансформација Андоновски посочи дека неговото учество има за цел, да отвори нови можности за инвестиции во дата-центри, примена на вештачка интелегенција и развој на технолошки компании како и да се привлечат што е можно повеќе компании, разновиден капитал и ново знаење во Македонија.
„Имаме добар почеток, затоа што Македонија забележа раст на БДП од 3,7 проценти во првата половина од 2026 година и раст од 4,3 проценти во вториот квартал, во услови на ниска инфлација. Овој раст е воден и од инвестициите во ИКТ-индустријата и технологијата“, изјави Андоновски.
На панелот учествуваа и претседателката на Народното собрание на Република Србија, Ана Брнабиќ и претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж.
Дискусијата беше насочена кон можностите Западен Балкан да се позиционира како центар за иновации, дата-центри и нови технологии, како и кон значењето на дигиталната инфраструктура, енергетските капацитети, човечкиот капитал и поволното деловно опкружување за привлекување високотехнолошки инвестиции.
Во продолжение на форумот, министерот Андоновски ќе учествува и на затворената тркалезна маса „Еден регион, еден пазар? Трговијата, работната сила, инвестициите и иднината на регионалната интеграција“.
Форумот обедини високи политички претставници, носители на одлуки и претставници на деловната заедница од регионот и Европа.