Дигитализација

Тече рокот за усогласување на веб- страниците и апликациите со стандардите за пристапност

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Постојните веб-страници и мобилни
апликации на институциите од јавниот сектор треба да се усогласат со стандардите за дигитална пристапност до 31 декември годинава. Измените се во согласност со Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации – изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Законот предвидува веб-страниците и мобилните апликации да овозможуваат користење со тастатура, гласовна контрола и асистивни уреди, а нивните функции да бидат јасни и предвидливи и содржините соодветно обработливи од асистивните технологии.

Предвидени се и алтернативи, меѓу кои текстуални описи на слики, аудиоописи, наслови, транскрипти и алтернативни формати. Граѓаните имаат право да побараат пристапна алтернатива, а институцијата е должна да одговори во рок од 15 работни дена, со обезбедување алтернатива или соодветно образложение.

,,За слепите и за лицата со оштетен вид, пристапната електронска услуга може да значи самостојно читање информации, пополнување образец или добивање документ. Тоа значи заштедено време, помала потреба од туѓа помош и поголема приватност при користењето на личните податоци”, рече министерот Андоновски.

Домашната регулатива за првпат се усогласува со Европската, со Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор, со донесувањето на законот во Собранието изминатата година, со примена од први јули 2026 година.

Андоновски истакна дека во подготовката
на законското решение учествувале здруженија на лицата со попреченост, претставници на институциите и академската заедница, преку работни состаноци, јавни дебати, консултации и јавна расправа во Собранието.

Најнови вести