Македонската Дејвис куп репрезентација новата сезона ќе ја стартува со меч на домашен терен против репрезентацијата на Јужна Африка во рамки на Светската група II.
Ова ќе биде втор меч за македонските тенисери против овој противник, а првиот се одигра на теренот на противникот во Јоханесбург во 2009 година како прв меч во Светската група І.
Извлекувањето на паровите за плеј оф мечевите од Светската група I и II за Дејвис купот за 2027 година се одржa денеска во Лондон. Во ждрепката учествуваат 52 репрезентации, а ќе се играат 26 меча низ целиот свет.
Мечевите од првото плеј-оф коло се планирани на 5-6 февруари или 6-7 февруари, а домаќинот ќе го одреди терминот. Македонија во моментов не располага со соодветен тениски терен за зимски услови, со што ќе мора мечот да биде организиран во една од постоечките спортски сали во Македонија во која ќе биде инсталирана специјална тениска тврда подлога која ќе ги исполнува стандардите на ITF (Светската тениска федерација).
Македонската тениска федерација дополнително ќе ја извести јавноста и ITF за тоа каде ќе биде организиран овој атрактивен меч помеѓу Македонија и Јужна Африка, со оглед дека дополнително ќе се разгледа која сала ги исполнува условите.
Јужна Африка се наоѓа на 59 место на ранг-листа, а Македонија е на 78 позиција.
Изминатата година Јужна Африка постигна победа од 3:2 против Црна Гора на домашен терен, а загуби од Босна и Херцеговина со 4:0.