Пред почетокот на натпреварот, легендарниот фудбалер на Реал Мадрид, Луис Фиго, им ги врачи признанијата за минатата сезона во Лигата на шампионите на Килијан Мбапе и Арда Ѓулер. Мбапе ја доби наградата за најдобар стрелец, додека Ѓулер беше прогласен за откритие на сезоната.
Интер многу поофанзивно го започна натпреварот и во воведниот период создаде две добри шанси. Ударот на Маркус Тирам во третата минута одлично го одбрани голманот на Реал, Тибо Куртоа, кој добро интервенираше и при далечниот удар на Лаутаро Мартинез во 13. минута.
Сепак, Реал во 14. минута од својата прва сериозна шанса дојде до водство, откако ја искористи грешката на фудбалер на Интер. Куртис Џонс на својата половина упати лошо додавање кон стоперот Јан Бисек, кој не успеа добро да ја прими топката. Ја одзеде Брахим Дијаз, кој навреме го проигра Мбапе, а Французинот во ситуација „еден на еден“ лесно го совлада голманот на Интер, Јосип Мартинез.
Мбапе со тоа го постигна својот 71. гол во Лигата на шампионите, со што се израмни со Раул на петтото место на вечната листа на најдобри стрелци во ова натпреварување.
Интер веднаш по примениот гол продолжи да напаѓа и само две минути подоцна се закани преку Хакан Чалханоглу, чиј силен удар од слободен удар одлично го одбрани добро поставениот Куртоа.
Реал во 23. минута ја искористи уште една голема грешка на фудбалерите на Интер и преку Федерико Валверде го зголеми водството. Голманот на Интер, Мартинез, се обиде да го издрибла Валверде во сопствениот петерец, но Уругваецот му ја одзеде топката и ја испрати во мрежата.
До крајот на првото полувреме двете екипи имаа по една добра шанса. Џонс во 36. минута ја погоди пречката од голот на Реал Мадрид, додека во втората минута од судиското продолжение Мартинез одлично ги одбрани ударите на Мбапе, а потоа, по одбиената топка, и на Џуд Белингем.
По 45 минути игра Реал имаше предност од 2:0.
Првата добра шанса во второто полувреме ја имаше Реал во 49. минута, кога Мартинез го одбрани ударот на Мбапе.
Потоа Интер упати три опасни удари, но сите три одлично ги одбрани Куртоа – прво ударот на Џонс во 50. минута, а потоа и ударите на Лаутаро Мартинез и повторно на Џонс во 55. минута.
Само три минути подоцна, на спротивната страна, Мартинез забележа одлична одбрана, откако го запре ударот на Белингем од непосредна близина.
Во продолжение следуваше многу отворена игра со шанси на двете страни, а Интер во 77. минута успеа преку Карлос Аугусто да го намали водството на Реал.
Лаутаро Мартинез со остар низок центаршут од десната страна го пронајде Карлос Аугусто во шеснаесетникот на Реал, а тој од шест метри го совлада Куртоа.
Интер не успеа да го искористи налетот и да дојде до израмнување, па Реал Мадрид го заврши натпреварот од првото коло со победа од 2:1.
Реал Мадрид во следното коло ќе гостува во Рим кај Рома, додека Интер во Милано ќе го пречека Клуб Бриж.