Претседателот на македонското Собрание Африм Гаши изјави дека на вториот круг на локалните избори во Брвеница за избор на градоначалник не треба да се гласа по етнички критериум туку за најдобриот кандидат кој ќе ја реализира неговата изборна програма.
„За жал, се уште сме во фаза во која кај политичките партии и на изборите приоритет има, или често доминира, етничкиот елемент, односно прашањето за кого треба да се гласа. Сметам дека особено на локалните избори, кога граѓаните имаат потреба да решаваат суштински проблеми како водоснабдувањето, канализацијата и асфалтирањето на улиците, треба да се фокусираат на најдоброто решение, најдобрата програма и најдобриот кандидат. Тоа е она што, во принцип, е важно. Мислам дека политичката култура треба да се подигне, но за жал, се уште констатирам дека не сме на тоа ниво. Затоа, посакувам и на овие избори, како и на сите други, да победи најдобриот и оној што им служи на сите граѓани, без разлика на нивната партиска, етничка, верска или друга припадност“, изјави претседателот на собранието Африм Гаши.
В недела, на вториот круг од локалните избори во Брвеница ќе се соочат Стојанче Радичевски од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Аркин Јахии од коалицијата НАИ.