Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски очекува инфраструктурните проекти меѓу Македонија и Србија да продолжат со планираната динамика, без оглед на политичките промени во соседната земја. Тој нагласи дека железничкото поврзување е од стратешко значење за целиот регион.
Говорејќи на заедничка прес-конференција со црногорскиот вицепремиер Филип Ивановиќ, Николоски посочи дека ваквите проекти не треба да зависат од мандатите на политичките гарнитури, бидејќи станува збор за долгорочни интереси на државите.
Како еден од најважните приоритети го издвои Коридорот 10, во чии рамки е планирана изградба на заеднички железнички граничен премин на Табановце, како и брза железничка пруга.
За изградбата на заедничкиот премин веќе е обезбеден грант од Европската Унија, а за изведувач е избрана македонската компанија „Гранит“. Николоски очекува проектот да се реализира според предвидените рокови, со цел објектот да биде завршен до крајот на следната година и потоа да започне со работа.
Според него, новиот граничен премин ќе го забрза протокот на железничкиот сообраќај, особено транспортот на стоки меѓу двете земји.
Николоски оцени дека и Србија има силен интерес за продолжување на овие инвестиции, бидејќи Коридорот 10 претставува важна транспортна врска со Егејското Море, како и со пристаништата во Солун и Атина.
Како пример дека стратешките инфраструктурни планови продолжуваат и покрај политичките промени, тој го посочи најавениот почеток на брзата железничка линија Белград – Будимпешта – Виена, планиран за 13 декември.
Од друга страна, црногорскиот вицепремиер Филип Ивановиќ смета дека е прерано да се проценува какви чекори ќе преземе новата власт во Србија. Тој посочи дека на новите политички претставници треба да им се даде време да ги формираат институциите и владата, како и да ги дефинираат своите приоритети.
Ивановиќ додаде дека Црна Гора е заинтересирана за одржување добри односи со Србија, а како значаен заеднички проект ја посочи изградбата на автопатот од Бар до границата, кој треба да се поврзе со автопатската делница од српска страна во насока на Белград.