Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш во своето последно обраќање пред Генералното собрание ги повика светските лидери да ја регулираат вештачката интелигенција, да стават крај на војните, да се фокусираат на климатските промени и темелно да ги реформираат институциите на Обединетите Нации. Со долг аплауз беше поздравена заложбата на Гутереш за решението со две држави меѓу Израел и Палестина.
Поранешниот португалски премиер, чиј втор петгодишен мандат како генерален секретар на ОН завршува на 31 декември, повторно повика на глобален надзор над ризиците поврзани со вештачката интелигенција.
Гутереш низ годините се обидуваше да ги позиционира ОН како посредник во конфликти и како форум за управување со новите технологии, иако големите сили се почесто ја заобиколуваа организацијата, а Вашингтон на чело со претседателот Доналд Трамп го намали нејзиното финансирање.