Италија останува „во срцето“

„Гучи“ почна да продава патики произведени во Кина

  • 1 минута читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Модната куќа „Гучи“ почна да продава нови модели луксузни патики со ознака „Произведено во Кина“, отстапувајќи од долгогодишната традиција на производство во Италија, во обид да привлече купувачи на кои им е важна цената, но сепак сакаат производи од луксузен бренд.

Еден од новите модели од минатиот месец се продава по цена од околу 800 евра во Европа и 1.000 долари во САД, пренесува „Ројтерс“.

Моделот без врвки е достапен во варијанти изработени од најлон, платно и велур.

Уште еден модел патики од истата колекција, изработен од кожа, исто така ја носи ознаката „Произведено во Кина“, се наведува на веб-страницата на „Гучи“.

Претставник на компанијата изјави дека двата модела се произведуваат во Кина поради специфичните технички барања на нивниот дизајн.

Од „Гучи“ соопштија дека Италија „секогаш ќе биде во срцето“ на нивниот производствен модел и идентитет, но дека за овие производи избрале кинески производител поради технолошкото знаење и капацитетите потребни за исполнување на бараните стандарди за квалитет и перформанси.

Компанијата наведе дека не планира да го премести производството надвор од Италија.

Сите останати модели обувки на „Гучи“ за кои на веб-страницата е наведена земјата на потекло се произведуваат во Италија.

Кина е еден од најголемите светски центри за производство на патики, а тамошните производители соработуваат со бројни масовни и премиум брендови.

Најнови вести