Памукот е најкористениот природен материјал во модната индустрија и зазема околу 33 проценти од вкупното производство на сите текстилни влакна во светот. Неговата врска со модата е нераскинлива поради исклучителната удобност, мекост и разновидност што ја нуди за секојдневна облека.
Памукот се одгледува во над 70 земји и обезбедува приход за милиони луѓе секоја година. Светскиот ден на памукот има за цел да го насочи вниманието кон економската важност и милионите луѓе кои работат во глобалната памучна и текстилна индустрија. Памукот е извор на егзистенција за милиони земјоделци и работници, и значително придонесува за економиите на многу земји во развој.

Во 2021 година, Обединетите нации решија да го вклучат 7 октомври во својот постојан календар како Светски ден на памукот. Притоа, тие го следеа предлогот на западноафриканските земји одгледувачи на памук, Бенин, Буркина Фасо, Чад, Брегот на Слоновата Коска и Мали.
Светскиот ден на памукот беше одбележан за првпат на 7 октомври 2019 година, во седиштето на Светската трговска организација (СТО) во Женева, заедно со уште четири други основачки организации. Меѓу нив се Меѓународниот секретаријат за памук (ICAC), Меѓународниот трговски центар (ITC), Организацијата за храна и земјоделство (FAO) и Светската конференција за трговија и развој (UNCTAD). Бременската берза за памук, исто така, учествува на Светскиот ден на памук.

„Темната страна” на памукот
Памукот има негативен јаглероден отпечаток и за разлика од полиестерот, е биоразградлив. Иако е природен, конвенционалниот памук има огромно влијание врз животната средина:
– За производство на само една памучна маица се потребни околу 2.700 литри вода, што претставува огромен товар за глобалните водни ресурси.
– Традиционалното одгледување памук вклучува дури 25% од светските инсектициди и пестициди, што ја загадуваат почвата и водата.
Поради овие факти, водечките модни брендови се повеќе се насочуваат кон органски памук, кој се одгледува без токсични хемикалии и со многу помала потрошувачка на ресурси, правејќи ја модата поетична и поодржлива.