Катастрофа на Хималаите: Над 750 загинати во Непал и Кина, се трага по повеќе од 3.000 исчезнати

Спасувачките екипи работат во исклучително тешки услови, низ кал и поројни дождови, додека околу 100 луѓе остануваат заробени во тунел на хидроцентрала

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

СИБУР – Спасувачките екипи од Непал и Кина и во неделата ја продолжија потрагата по повеќе од 3.000 лица кои се водат како исчезнати по катастрофалното свлечиште што опустоши дел од пограничниот регион на Хималаите.

Досега се пронајдени телата на 750 загинати – 734 на територијата на Непал и уште 16 во кинескиот автономен регион Тибет.

Според официјалните податоци, во Непал се водат како исчезнати 2.498 лица, меѓу кои и стотици странски државјани, додека на кинеска страна се трага по уште 546 луѓе.

Властите истовремено работат на идентификација на уште седум тела кои биле пронајдени десетици километри низводно, во северниот дел на Индија.

Досега се евакуирани 555 туристи кои останале блокирани во погоденото подрачје, како и 499 кинески жители.

Министрите за надворешни работи на Непал и Кина се договориле двете земји да разменуваат хидролошки и сателитски податоци за да ја олеснат спасувачката операција и да помогнат во спречување нови катастрофи.

„Луѓето сакаат да ги пронајдат своите најблиски, живи или мртви, но не можеме да ги најдеме“, изјави за АФП Каван Коирала, член на непалскиот тим за одговор при катастрофи, по 18-часовна спасувачка смена.

„Првпат гледам нешто вакво. Насекаде има кал. И порано сме имале поплави во Непал, но никогаш вакво нешто“, додаде тој.

Околу 100 луѓе заробени во тунел

Една од најголемите спасувачки операции се одвива во хидроцентрала, каде што околу 100 луѓе останале заробени во тунел по свлечиштето.

Во саботата непалската армија успеала низ мал отвор да внесе цевка преку која почнала да доставува воздух во тунелот, соопшти министерот за внатрешни работи Судан Гурунг.

Спасувачките екипи работат во исклучително тешки услови, пробивајќи се низ дебелите слоеви кал и урнатини во подрачјата погодени од катастрофалното свлечиште.Фото: Liu Shuang / Xinhua

Сепак, обилните врнежи и надојдените реки во неделата значително го отежнале напредувањето на спасувачките екипи.

Точната причина за катастрофата сè уште не е официјално утврдена. Кинеската државна агенција „Синхуа“, повикувајќи се на властите, објави дека како можен извор е идентификувано пукање и уривање на глечер на јужната падина на масивот Лирунг во Непал.

Тоа, според првичните сознанија, предизвикало огромно свлечиште, проследено со лавина од мраз и карпи.

Страв од нови поплави

Покрај потрагата по илјадниците исчезнати, расте и стравот од нови поплави поради огромните количества вода што се насобрале зад природните прегради создадени од свлечиштето.

Во некои од најтешко погодените области веќе почнува да недостига храна и вода за пиење.

Сајмон Стиел, првиот човек на Обединетите нации за климатски прашања, катастрофата ја нарече „разорувачки потсетник“ за ранливоста на планинските подрачја и предупреди дека глобалното затоплување го зголемува ризикот од вакви настани.

Непалскиот министер за надворешни работи Шишир Канал процени дека за обновување на уништените населени места и инфраструктура ќе бидат потребни „неколку милијарди долари“.

Соединетите Американски Држави најавија хуманитарна помош од 3,6 милиони долари, а помош ветија и Канада, Велика Британија, Европската Унија и Обединетите нации.

Катастрофата се случила во средата, кога огромна маса од кал, за која се претпоставува дека била предизвикана од колапс на глечер, затрупала куќи, урнала мостови и однела возила од двете страни на границата меѓу Непал и Кина.

Спасувачите продолжуваат со потрагата во исклучително тешки услови – погодените области се прекриени со дебел слој кал, додека непрекинатите врнежи предизвикуваат дополнително зголемување на нивото на реките.

Најнови вести