ГОРИ ЦЕЛА ФАБРИКА ВО ЏАКАРТА: Тројца загинаа, 30 се исчезнати

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Најмалку три лица загинаа во пожар што зафати фабрика за слатки западно од индонезискиот главен град Џакарта, додека 36 лица се водат како исчезнати, соопштија во неделата претставници на спасувачките служби.

Четири повредени лица се пренесени во здравствени установи, изјави Ризки Двианто, кој претходно информираше за 39 исчезнати лица.

Пожарот избувнал во саботата попладне во фабриката на компанијата PT Fonua Agung Mulia, која се наоѓа на околу 50 километри од Џакарта, во округот Серанг.

Снимките од воздух прикажуваат делумно уништена зграда, урнати делови од покривот и чад, додека спасувачките екипи ги пребаруваат просториите во кои на одредени места сè уште имало оган.

Пожарникарите ја добиле пријавата во саботата во 16:30 часот, а кога пристигнале, објектот веќе бил зафатен од пламен, изјави претставникот на противпожарната служба, Тубагус Махфуџ.

– Поради тоа, не можевме да утврдиме дали противпожарниот систем на компанијата функционирал правилно или не – изјави тој.

Гувернерот на покраината Бантен, Андра Сони, изјави дека во моментот на избувнувањето на пожарот во фабриката имало околу 60 лица. Причината за пожарот сè уште се истражува.

Компанијата Fonua Agung Mulia на LinkedIn се претставува како подружница на Unifama, една од најголемите индонезиски компании во прехранбената индустрија.

Смртоносните пожари не се реткост во Индонезија. Во декември 2025 година, во пожар во седумкатна зграда во Џакарта загинаа најмалку 22 лица, додека во 2023 година, во експлозија во рафинерија за никел, животот го загубија 13 лица.

Најнови вести