Фондот за здравствено осигурување предлага измени на Правилникот за боледување и на критериумите за контрола.
Со предложените измени матичните лекари ќе можат да издаваат боледување до пет дена, наместо досегашните седум.
Истовремено, ќе се олесни постапката за лицата кои поради здравствената состојба не се во можност физички да бидат кај матичните лекари за да отворат боледување, а ќе се засилува и контролата на луѓето кои се на боледување.
Директорот на ФЗО, Златко Перински, појасни дека контролите ќе можат да се вршат по случаен избор, но и по пријава од работодавач. Контролорот ќе може да го посети осигуреникот на домашната адреса. Доколку лицето не биде пронајдено дома, контролорот ќе остави документ со кој ќе биде повикано да се јави пред соодветната лекарска комисија и да објасни зошто не било на местото каде што го користи боледувањето. За утврдените случаи ќе бидат известени и работодавачите.
,,Идејата е да го превенираме правото на боледување, но и да спречиме злоупотреба во рамки на искривување на боледувањето, поради тоа што Фондот за здравствено осигурување за 2026 година во рамки на својот буџет има предвидено 6 милијарди и 454 милиони денари средства коишто се наменети за боледувања и за породилно отсуство. Тоа е значителна сума и во таа насока мораме да го затегнеме системот на контрола“, истакна директорот на ФЗО, Перински.
Фондот за здравствено осигурување во август исплатил повеќе од 623 милиони денари за надоместоци за боледувања, од кои 414 милиони денари се однесуваат на породилни отсуства, соопшти директорот на Фондот, Златко Перински.