Три лица од Фондот за здравствено осигурување и две лица од приватна здравствена установа се инволвирани во случајот со злоупотреба на средства од ФЗО, за што МВР спроведува акција.
Станува збор за повеќе видови на прекршоци. Според министерот за здравство Сашо Клековски, била вршена двојна наплата на пациентите, односно земени се пари од ФЗО за одредена услуга за која има договор и таа услуга под различни изговори е наплаќана од пациентите.
Министерот Клековски посочи дека акцијата траела неколку месеци и е врз основа на повеќе од една година истрага.
,,Во акцијата е вклучена една приватна здравствена установа која имаше договор со Фондот за здравствено осигурување и неколку лица од Фондот. Се надевам дека МВР наскоро ќе излезе со повеќе детали. Можам само да ја потврдам акцијата, да ја потврдам соработката и да изразам голема благодарност на истрајноста и упорноста на вработените во МВР и на Јавното обвинителство, што конечно една од ситуациите на кои работевме изминатите две години доаѓа до одредена завршница, барем во однос дека ќе има кривични пријави и судска постапка, министерот за здравство Клековски.
МВР од утрово спроведува голема акција на територијата на земјава. Повеќе детали се очекуваат во текот на денот.