Францускиот претседател Емануел Макрон ги осуди активностите на крајнолевичарските групи, обвинувајќи ги дека се исклучително опасни и дека сакаат „да ја урнат републиката”.
Изјавата следува по немирите и грабежите што избувнаа изминатата сабота за време на протестите против зголемувањето на трошоците за живот.
За во сабота се најавени нови протести низ цела Франција. На улиците ќе бидат распоредени 20 проценти повеќе припадници на безбедносните сили отколку изминатата недела. Француската полиција веќе воведе забрани за демонстрации во одредени делови од Париз. Забраната се однесува за собири пред Елисејската палата, на плоштадот „Бастилја“, пред двата дома на парламентот, како и во неколку туристички области, меѓу кои „Лувр“ и „Шанзелизе“.
И координативната група на движењето „Жолти елеци“ повика на нова мобилизација во сабота. (Жолти Елеци е протестно движење кое се појави во Франција во 2018 година како резултат на зголемениот данок на гориво за возила.)
Барањата на демонстрантите се непроменети, замрзнување или ограничување на цените на горивата, справување со инфлацијата, заштита на јавните служби, поголеми инвестиции во образованието и поддршка за младите.