протести во франција

Макрон вечерва ќе ѝ се обрати на нацијата: Повеќе од 2.000 уапсени, еден демонстрант почина

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Макрон ќе се обрати во 20 часот по локално време, соопштија од неговиот кабинет.

Протестите поради зголемените трошоци за живот и состојбата во јавните служби во саботата прераснаа во немири во повеќе француски градови, при што беа палени згради, ограбувани продавници и испишувани графити на фасадите.Според податоците на министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, неколку стотици продавници претрпеле штета. Во Париз биле кршени излози, а биле палени велосипеди и автомобили.

Еден демонстрант починал од срцев удар за време на протестите во Париз, додека полицијата низ целата земја уапсила повеќе од 2.000 лица, а повредени биле над 600 полицајци, соопшти Нуњез.

Францускиот премиер Себастијан Лекорни за немирите ги обвини „ултралевицата и криминалците“.

Повеќе од половина милион луѓе учествуваа во протестните маршеви во десетици градови. Движењето на учениците и студентите се обедини со поширокото незадоволство поради зголемените трошоци за живот и состојбата во јавните служби.

Во Лимож, во југозападниот дел на Франција, беше запалена 143 години старата градска општина, која речиси целосно беше уништена. Градоначалникот Гијом Герен го осуди насилството и го спореди пожарот со оној што во 2019 година сериозно ја оштети катедралата Нотр Дам во Париз.

Министерот за економија, Ролан Лескир, вети помош за сопствениците на претпријатијата што претрпеле загуби и порача дека одговорните за уништувањето на имотот ќе мора да ја надоместат штетата и да одговараат за предизвикувањето на немирите.

Немирите го засилија притисокот врз Макрон и неговата влада во пресрет на претседателските избори следната година.

Најнови вести