Максим Димитриевски очекува неговата партија да добие уште еден заменик-министер во Владата

Претседателот на движењето „ЗНАМ“ за наша Македонија не открива за кој ресор станува збор, туку дека тоа ќе се случи наредниот месец.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

На новинарски прашања Димитриевски се осврна и на соработката во Владината коалиција, рече дека за партијата која ја предводи не е приоритет што ќе добие како составен дел на власта, туку сака како што рече да преземе одговорност.

„Како што претходно имаме информирано, влеговме во оваа Влада и буквално понудивме „карт бланш“ за да не гледаме реприза од минатото – како моноетничките партии на ситен камен ги дробат големите политички субјекти кои ја добиваат масовно поддршката на граѓаните. Во овој случај го спречивме тоа, да гледаме реприза. Што се однесува до поделбата на ресорите и местата, тргнуваме исклучиво од аспект на преземање одговорност. Очекуваме дополнително уште едно заменичко место, во уште еден ресор што треба да се дефинира во текот на следниов месец и верувам дека, како и во останатите ресори и институции каде што преземавме одговорност, ќе го дадеме својот придонес и во тој ресор. Разговараме за неколку ресори, не би сакал во моментов да шпекулирам. Секако дека мандатарот е најповикан да даде одговор на тоа прашање и верувам дека веќе до крајот на месецот ќе имате од негова страна излагање по однос на таа тема“, рече Димитриевски.

За вторите и третите ешалони на власта, додаде, досега до него не се пристигнати забелешки ниту од мандатарот, ниту од ресорните министри во однос на работењето на функционерите на ЗНАМ во пониските нивоа на власта.

„Она што можам директно да го ветам како претседател на ЗНАМ е дека именуваните и избраните функционери на ЗНАМ ќе продолжат најревносно и најодговорно да ги вршат своите добиени функции и да ги имплементираат политиките на ЗНАМ коишто се содржани и усогласени во владината програма“, додаде Димитриевски.

Најнови вести