Малопродажните цени на горивата од вечерва на полноќ се намалуваат во просек за 1,85%. Дизелот се намалува за 3,00 дененари по литар и ќе се продава 97,00 денари/литар, додека бензините се намалуваат за 1,50 денари по литар, така што ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе се продава по 98,50, а БС – 98 за 100,50 денари/литар.
Екстра лесното масло за домаќинство се намалува за 3 денари по литар и ќе се продава по 108,50 денари/литар, додека малопродажната цена на мазутот се намалува за 0,285 ден/кг и сега ќе изнесува 49,597 ден/кг.
Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) ја обрзаложува со тоа дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување и тоа во просек: кај бензините за 2,885%, кај дизелот за 4,770%, кај екстра лесното масло за 4,384% и кај мазутот намалувањето е за 1,807%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,9101%.
Во Одлуката на РКЕ е применета владината одлука за намалениот износ на ДДВ за нафтениот дериват ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) во износ од 10% и е применет намален износ на акцизата од 4,00 ден/лит кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и кај ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V).
Од вечер на полноќ, односно од 6.10.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 98,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 100,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 97,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 108,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 49,597 (денари/килограм)
Од РКЕ напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати и дека трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.