Почина Тонкица Митровска, една од пионерките на македонскиот анимиран филм и долгогодишна филмска работничка, чиј професионален ангажман е вграден во повеќе од две децении домашно анимирано творештво.
Веста за нејзината смрт ја соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија, кое со голема почит се прости од својата долгогодишна и истакната членка.
Митровска е родена во 1948 година и по образование била дипломирана графичарка. Таа беше една од првите професионални филмски работнички што се посветија на анимираниот филм во Македонија и еден од темелниците на познатата „Скопска анимирана школа“.
Нејзините почетоци се поврзани со кругот автори и уметници околу редакцијата „Остен“ и со карикатуристот и аниматор Дарко Марковиќ. Уште на почетокот од седумдесеттите години, во време кога македонската анимација практично се наоѓала во зародиш, Митровска била дел од екипата што ентузијастички ги совладувала тајните на анимираниот филм.
Во едно од своите интервјуа таа се присетува дека нејзината прва задача била пренесувањето на цртежите на проѕирна фолија, по што постепено се вклучила и во фазирањето, цртањето и анимацијата.
Клучен момент за развојот на македонската анимација се случил во мај 1975 година, кога при „Вардар филм“ било формирано Одделението, односно Студиото за анимиран филм. Во него, покрај Митровска, работеле и Дарко Марковиќ, Владимир Бороевиќ, Славољуб Игњатовиќ, Афродита Марковиќ, Делчо Михајлов, Боро Пејчинов, Милка Ковиловска и други значајни имиња. Подоцна им се приклучил и Петар Глигоровски.
Тоа била генерацијата што ги поставила професионалните и уметничките темели на македонскиот анимиран филм.
Илјадници рачно изработени фолии
Создавањето анимиран филм во тоа време било исклучително сложен и макотрпен процес. По подготвувањето на сценариото, книгата на снимање и сторибордот, следувале изработката на главните цртежи и анимацијата, а потоа и рачното цртање на бројните меѓуфази.
Секој цртеж се пренесувал на фолија, која потоа рачно се боела од задната страна. За само еден филм биле потребни илјадници вакви фолии, цртежи, заднини и сценографски решенија. Завршениот материјал потоа се носел на снимање во Загреб.
Во тој трудоемок процес Митровска се истакнувала со својата прецизност, трпеливост и исклучително чувство за линија и движење. Работела како аниматорка, фазерка, цртачка и сценографка, соработувајќи со речиси сите позначајни автори и режисери од златниот период на македонската анимација.
Особено сложена била работата на филмовите на Петар Глигоровски, за кои цртежот се пренесувал со режење на фолијата со специјален скалпел. Линијата морала да се следи во еден непрекинат потег, без да се оштети цртежот поставен под неа. Токму во ваквите задачи до израз доаѓале нејзината сигурна рака и графичка умешност.
Богата филмографија
Тонкица Митровска учествувала во создавањето на повеќе од 20 македонски анимирани филмови.
Нејзиното име се среќава во екипите на остварувањата „Стоп“ од 1976 година, „Адам (5 до 12)“ и „Стрелби“ од 1977 година, „Буквар за писмени“ и „Повлечи – потегни“ од 1978 година, како и „Луда птица“ и „Последниот прозорец“ од 1979 година.
Во текот на осумдесеттите години соработувала на филмовите „Црно знаме“, „Хомо догматикус“, „Парабола“, „Рака“, „Афирмација“, „Демагог“, „Љубовна приказна“, „Пецко – еден ден живот“, „Пецко – нафтен дериват“, „Сепак се движи“, „Напред – назад“, „Тоа е мојот живот“ и „(Нај)тешкото“.
Како сценографка работела и на анимираните филмови од серијалот „Леонардо“ – „Прошетка“, „Настинка“ и „Творец“, создадени во 1988 година.
Во 1995 година, заедно со Делчо Михајлов, го реализирала анимираниот филм „Крај“, на кој се потпишува како режисерка, сценаристка и сценографка. Со тоа нејзиниот придонес ја надминал улогата на соработник во процесот на анимација и добил целосен авторски израз.
Признанија за животниот придонес
За својот повеќедецениски професионален ангажман и исклучителниот придонес кон македонската кинематографија, Митровска во 2021 година ја доби наградата „Златна рамка“, што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија.
Во 2023 година Кинотеката на Македонија ѝ го додели и признанието „Златен објектив“, наменето за филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Иако најголемиот дел од нејзината работа се одвивал далеку од очите на јавноста, нејзиниот потпис останува во движењето на ликовите, во прецизноста на цртежот и во визуелниот идентитет на голем број значајни македонски анимирани филмови.
Со заминувањето на Тонкица Митровска, македонската култура загуби тивка, скромна и исклучително посветена уметница. Нејзиното дело, сепак, останува трајно вградено во историјата на македонската кинематографија и во наследството на „Скопската анимирана школа“.