Продолжува судењето на 13 полицајци во случајот „Пулс“

Во Основниот кривичен суд во Скопје продолжува рочиштето за судскиот процес против 13 полициски службеници обвинети за тешки дела против општата сигурност, поврзани со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.

  • 1 минута читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Претходното рочиште беше одложено, а причината беше неприсуството на сведоците. Како што информираше судот, дел од поканите за сведоците се вратиле како неуредно доставени или со ознака „не барал“, а за други нема доказ дека се примени.

Еден сведок, соопшти обвинителката Спасенка Андонова, телефонски потврдил дека ја примил поканата, но навел дека ќе дојде само доколку обезбеди превоз до Скопје.

Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска најави дека за наредното рочиште поканите ќе бидат доставени преку полициска станица. Доколку сведоците повторно не се појават, како што кажа, ќе бидат применети законски механизми, парична казна и присилно доведување.

Судењето е поврзано со трагичниот пожар што избувна на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 63 лица, а беа повредени над 200 лица.

Според обвинението, полициските службеници кои биле дежурни биле ангажирани и во дискотеката, но не ја прекинале забавата ниту спречиле користење пиротехника.

Најнови вести