Седумгодишно момче е спасено од урнатините на станбена зграда во Димер, во Киевската област, по 14 часа поминати под урнатините. Во руските напади врз населеното место во текот на ноќта загинале 11 лица, соопштија украинските власти.
Нападот се случил во раните утрински часови во неделата. Од урнатата зграда била извлечена жива и 79-годишна жена, изјави шефот на Киевската регионална администрација, Тимур Ткаченко.
Тој додаде дека во напад врз приватна куќа во Била Церква загинало уште едно лице, а објектот бил зафатен од пожар.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, соопшти дека три лица загинале, а 13 биле повредени во одделен напад врз Вишневе, исто така во Киевската област, при што во неделата била погодена продавница за прехранбени производи.
Украинските власти соопштија дека седумгодишното момче од Димер е во стабилна состојба и е пренесено во болница. Тие им се заблагодарија на сите што учествувале во спасувањето на неговиот живот.
Зеленски и украинската национална полиција, исто така, го потврдија спасувањето на момчето.
Во објава на Телеграм, Ткаченко наведе дека 79-годишната жена, која била извлечена од урнатините, добива медицинска помош во болница.
Претходно тој соопшти дека во нападот биле повредени шест лица, додека по други сè уште се трага.
Зеленски изјави дека повеќе од 130 лица се ангажирани во спасувачките операции на местото на нападот и дека тие ќе продолжат сè додека не се добијат „целосни информации за секое поединечно лице“.
Изразувајќи сочувство до семејствата и најблиските на загинатите, тој рече дека во нападот била погодена станбената зграда, при што „еден нејзин дел бил практично разнесен на парчиња“.
Зеленски додаде дека „спасувачките операции се отежнати поради постојаните нови предупредувања за воздушни напади и обновените закани“.
Нападот ја погодил зградата во 5 часот наутро по локално време, додека семејствата сè уште спиеле, изјави украинскиот министер за внатрешни работи, Иван Вихивски.
До неделата вечерта биле извршени повеќе од 70 напади во 10 украински региони, додаде Вихивски.