Семејства и патници чекаат во редици за да ја преминат границата од Русија кон Естонија, пред затворањето на сите пет копнени гранични премини на 1 декември. Одлуката следува по наводен обид за саботажа поддржан од Русија, но предизвика и загриженост кај луѓето кои имаат роднини од двете страни на границата.
Луѓе со куфери, ранци и пластични кеси се собираат во рускиот пограничен град Ивангород, надевајќи се дека ќе успеат да влезат во Естонија пред балтичката земја следниот месец да ја затвори својата копнена граница со Русија.
Долгите редици ги покажуваат последиците од одлуката што ќе влијае не само врз прекуграничните патувања, туку и врз семејствата чии членови живеат од спротивните страни на границата.
Естонија, членка на НАТО и Европската Унија, на 20 ноември објави дека од 1 декември ќе го прекине сообраќајот преку сите пет патни гранични премини со Русија. Ограничувањето треба да остане во сила шест месеци, по што владата ќе ја преиспита безбедносната состојба и ќе одлучи дали мерката ќе биде продолжена или изменета.
Зошто Естонија ја затвора границата?
Одлуката следува по обидот за подметнување пожар во просториите на естонскиот производител на беспилотни летала „Threod Systems“ во Вимси, северно од Талин, на 14 ноември.
Според Естонската служба за внатрешна безбедност, зад обидот за напад стоела руската воена разузнавачка служба ГРУ. Приведени биле осум државјани на Латвија, за кои истражителите се сомневаат дека биле регрутирани за да ја извршат операцијата. Обезбедувањето на компанијата интервенирало пред да биде предизвикана значителна штета.
Естонските власти го опишаа инцидентот како дел од поширок модел на саботажи и непријателски активности насочени против земјата и други европски држави.
Владата соопшти дека затворањето на границата ќе им го отежне на руските разузнавачки служби регрутирањето и вршењето влијание врз лицата што влегуваат во Естонија, а истовремено ќе помогне и во спречувањето на заобиколувањето на санкциите.
Москва ги отфрли обвинувањата. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги оцени како неосновани, додека портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја обвини Естонија за кршење на правата на руските граѓани и се закани со политички и дипломатски контрамерки.
Захарова, исто така, го спореди планираното затворање со создавање нова Железна завеca.
Семејства разделени од границата
За луѓето што живеат во пограничниот регион, одлуката има последици што одат многу подалеку од безбедносната политика.
Нарва, естонски град со повеќе од 50.000 жители, се наоѓа директно спроти Ивангород, од другата страна на реката Нарва. Двата града имаат долгогодишни семејни, општествени и економски врски, а многу жители имаат роднини од двете страни на границата.
Граничниот премин го користеле и луѓе кои патувале од други европски земји кон Санкт Петербург.
Русија го прекина сообраќајот на возила преку преминот Нарва во февруари 2024 година, но пешаците продолжија да ја преминуваат границата.
Градоначалникот на Нарва, Јан Тоотс, ја повика естонската влада да разгледа можност за хуманитарни исклучоци за жителите кои треба да посетат постари роднини, да присуствуваат на погреби или да решат други итни семејни прашања.
Тој предупреди и на економските последици за градот, вклучително и можните загуби за локалните хотели, ресторани и компании.
Се очекува затворањето да влијае и врз вработеноста во регионот, каде што граничните полицајци и царинските службеници претставуваат дел од локалната работна сила.
Бројот на преминувања на границата веќе драстично се намалил
Бројот на луѓе што патуваат меѓу Естонија и Русија значително се намалил од почетокот на војната во Украина.
Според естонскиот јавен радиодифузен сервис ЕРР, годишниот број преминувања на границата се намалил од повеќе од четири милиони пред 2022 година на околу 760.000 во 2026 година.
Од нив, приближно 447.000 биле регистрирани на преминот Нарва–Ивангород, според податоците што ги пренесува АФП.
Ројтерс објави дека руските државјани учествувале со 307.000 преминувања оваа година, додека 175.000 биле остварени од естонски државјани, а 54.000 од лица со фински пасоши.
Планираните ограничувања ќе важат за сите пет патни гранични премини: Нарва-1, Нарва-2, Којдула, Лухамаа и Сатсе.
Железничкиот товарен сообраќај ќе продолжи да функционира, но со почитување на постојните ограничувања и царински контроли.
Патниците ќе мора да користат алтернативни маршрути преку соседните земји, особено преку Латвија, иако се очекува патувањата да станат подолги и поскапи.
За оние што немаат пристап до автомобил, патувањето со авион може да стане единствената практична алтернатива.
Затворањето засега е планирано за период од шест месеци, а не на неодредено време. Естонската влада соопшти дека по истекот на тој период повторно ќе ја процени мерката, во зависност од безбедносната состојба.